Дел од женските клубови најавуваат бојкот на првенството поради ваучерите!

Голем дел од клубовите кои се натпреваруваат во Женската лига најавуваат предлог со можност да го бојкотираат пролетниот дел од првенството бидејќи добиле мала сума на ваучерите од страна на АМС.

Најголем дел од клубовите, кои ќе играат во плеј-аут фазата, се многу незадоволни од добиените ваучери, кои според нив ќе бидат доволни само за покривање на патните трошоци и плаќање на административните такси за секој домашен натпревар.

Не е исклучена можноста бројот на клубови, кои ќе се обидат преку бојкот да го искажат своето незадоволство, да биде драстично зголемен во следните денови.

Тренерот на Овче Поле Славјански Универзитет, Илија Бетувски, за 24 Ракомет ги потврди најавите за бојкот од страна на поголемиот дел од женските клубови.

„Нашиот клуб ќе учествува во активностите кои ќе се преземаат од страна на поголем број на клубови, кои сме обесправени со одлуките на сумите доделени во ваучерите од страна на АМС“, изјави Бетувски.

Во претходните денови имаше голем број на реакции и негодувања од страна на ракометните клубови поради висината на ваучерите.

Денес стартуваат натпреварите од плеј-оф и плеј-аут фазата од Женската лига, но според најавите, клубовите ќе ги одиграат натпреварите од првото коло, додека од наредниот викенд можно е да го бојкотираат првенството.