Делиоска сама го победи Кузман Вардар

Ракометарките на Стружанка во натпревар од 8. коло од Женската лига на гостувањето во Скопје кај Кузман Вардар дојдоа до убедлива победа од 47:19.

Избраничките на Александра Кузмановска пружија отпор само во воведните десет минути и по водството од 2:1, гостинките направија серија од 7:0, се одлепија на 8:2 и тука беше јасно како ќе се движат работите во преостанатиот дел од натпреварот.

Домаќинот не можеше да следи и како одминуваше времето предноста на Стружанка растеше од минута во минута. На полувреме резултатот беше 24:7 во корист за гостинките.

Екипата на Стружанка продолжи со исто темпо во вторите 30 минути, ги казнуваше грешките на помладиот тим, кој немаше решение за расположената Делиоска. Домаќинот преку Милевска и Јовевска најчесто се обидуваше да го пронајде патот до мрежата на противничкиот гол, но цврстата одбрана на гостинките не дозволуваше домашниот тим да има било какви шанси за погодок.

Најефикасна во победничката екипа беше Магдалена Делиоска со 16 погодоци. Во поразениот табор по седум реализации имаа Нина Милевска и Сандра Јовевска.

Во следното, 9 . коло од групата Б, Стружанка ќе го пречека Овче Поле СУ, додека Кузман Вардар ќе ги бара првите бодови против Астибо .