Дебитантот ракометно го преслуша и „наполни“ голот на Голден Арт

Прволигашкото дерби меѓу екипите на Голден Арт и Алкалоид, за кое сите очекуваа неизвесност заврши со целосна доминација на Алкалоид и убедлива победа од 35:29. Првиот натпревар меѓу двете екипи заврши без победник, 25:25. Екипата на Алкалоид го задржа лидерското место во групата и во следната фаза ќе пренесе повеќе бодови од другите екипи.

Ракометарите на Алкалоид одиграа одлично прво полувреме, во кое постигнаа дури 21 гол во мрежата на противникот, додека во својата мрежа дозволија да имаат само 13. Домаќинот на овој натпревар добро се држеше до првата половина од првото полувреме. Сепак, во последните петнаесетина минути, избраниците на Никола Матлиески никако не можеа да го запрат налетот на противникот, кој ретко промашуваше.

Голден Арт – Алкалоид 10 март 2022

Голманот од гостинскиот тим, Иван Галевски полека ги откажуваше упорните домаќини, запиша десет интервенции во првото полувреме и беше најзаслужен за позитивниот исход на неговите соиграчи. Алкалоид со серија на неколку погодоци се одлепи на 15:11 откако претходно имаше минимално водство од 12:11. Тоа беше причина Голден Арт да влези во уште поголема криза и целосно да капитулира. На полувреме гостинот имаше водство од 21:13.

Психолошката предност беше целосно на страната на Алкалоид во второто полувреме. Се повеќе ракометари од гостинскиот состав се запишуваа во листата на стрелци. Гајиќ беше единствениот расположен во дресот на Голден Арт, но самиот не можеше ништо да промени. Во 40. минута резултатот беше плус десет гола разлика за Алкалоид, 28:18.

Алкалоид во неколку моменти во последните дваесетина минути водеше со 11 и 12 гола разлика. Домаќинот во последните пет минути го искористи малиот пад во играта на Алкалоид и се избори за поблаг пораз во претпоследниот натпревар од регуларниот дел од Првата лига.

Најефикасен во победничката екипа беше репрезентативецот на Македонија, Мартин Серафимов со седум погодоци. Во Голден Арт листата на стрелци беше предводена од Глигор Гајиќ со девет и Ивица Илиев со осум погодоци.