Дебитантот на Ф4 остана со празни раце, Мец освои 3. место во ЛШ

Екипата на Мец во натпреварот за 3 место на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите беше подобра од дебитантот, Есбјерг, со резултат 26:32 (12:18), освојувајќи го првиот медал во најквалитетното европско натпреварување. Мец по вторпат учествуваше на завршниот турнир, по оној во сезона 2018/19.

Претставникот од Франција имаше фуриозен старт и лесно доаѓаше во позиција за гол. Мец по десет минути игра имаше водство од пет гола разлика, 2:7, и тоа беше јасен знак дека избраничките на Јеспер Јенсен ќе имаат тешка мисија во походот за 3 место на Ф4 турнирот во Будимпешта. Мец преку расположената Грас Заади, која беше незапирлива на теренот, одржуваше резултатска контрола и во ниту еден момент не дозволи опуштање во своите редови.

Есбјерг немаше многу опции во нападот, главните ракометарки, Рејштад и Брејстол беа целосно затворени, и сите обиди за приближување на помала резултатска негатива завршуваа без успех. Ракометарките на Мец во неколку наврати имаа највисоко водство од шест гола разлика, а резултатот по 30 минути игра гласеше 12:18 во корист за францускиот тим.

Мец во вториот дел зголеми на највисоки седум гола разлика, 12:19, но Есбјерг направи краток блесок, односно серија од 4:0 намалувајќи ја предноста на Мец на три гола негатива, 16:19. Ракометарките на Мец за десет минути игра во вториот дел постигнаа само два гола, додека во својата мрежа примија дури шест. Во 40 минута водството на Мец беше плус два, 18:20.

Мец се обиде да се консолидира, направи серија од 3:0, се одлепи на 18:23 и во последниот период од натпреварот влезе со предност од 22:25. Во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот. Есбјерг не успеа да се избори за подобар резултат, сѐ предаде во завршниот дел и сезоната во Лигата на шампионите ја завршува на 4. позиција.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на Есбјерг, Хени Рејштад со 10 погодоци. Кај победничката екипа се истакна репрезентативката на Франција, Грас Заади со седум погодоци од десет обиди.

Во финалето ќе играат екипите на Ѓер и Вајперс Кристијансад. Дуелот за титулата е закажан за 18:00 часот. Ѓер ќе се бори за шеста титула во елитното клупско натпреварување, додека норвешкиот шампион ќе се обиде да ја одбрани титулата која ја освои минатата сезона.