Данска го наполни голот на Финците среде Хелсинки

Селекцијата на Данска на гостувањето во Финска немаше никакви проблеми и лесно славеше победа над домаќинот со 40:22. Данците со оваа победа се искачија на првото место со две победи во првите две кола.

Данците беа огромни фаворити и во целост ја оправдаа улогата. Од самиот старт започнаа максимално ангажирано, поведоа со 4:0 и 8:3. Во продолжение на дуелот имаа контрола на играта, а разликата само се зголемуваше.

Финците беа немоќни, тешко доаѓаа до реализација и првиот дел го завршија со 11 погодоци. По 30 минути игра Данска речиси веќе ја имаше обезбедено победата кога имаше предност од 19:11.

Вториот дел беше рутинско одработување за Данците, продолжија да го полнат голот на домаќините и стигнаа до убедлива победа. Најефикасен во победничкиот тим беше Хансен со 11 гола, а осум постигна Јакобсен. Во составот на Финска најмногу се истакна Макс Гранлунд со седум гола.