Дабевски и Петковски комбинираа 26 гола, Драчево како брз воз низ Гевгелија

Ракометарите на Драчево ја забележаа третата победа во новата сезона од Првата лига, откако славеа убедливо на гостувањето кај Партизан Гевгелија со 39-22.

Предводени од Филип Дабевски кој даде 14 и Димитар Петковски кој даде 12 гола, избраниците на Велимир Настески без проблеми триумфираа во Гевгелија.

Домашните одржуваа резултатска рамнотежа во првите петнаесетина минути кога беше 7-6, а потоа до паузата Драчево обезбеди солидна залиха, 18-12.

Во второто полувреме кај гостите Ѓорѓи Дука доби црвен картон поради три исклучувања, но неговите соиграчи само рутински ја одработија задачата и го полнеа голот на домашниот тим.

Покрај Дабевски и Петковски кои комбинира 26 гола, се истакна и Александар Димовски со четири погодоци, додека кај Партизан, седум пати стрелаше Димитар Минов, а шест пати Горан Лисичков.