Гурбиндо: Се борев со тешка депресија

Најголемото засилување за Вардар пред стартот на новата сезона е шпанскиот репрезетативец Едуардо Гурбиндо.

Тој ќе задоцни на подготовките бидејќи ќе биде дел од Олимписките игри, а за шпанскиот „Diario de Navarra“, откри интересни детали од времето кога бил на долга пауза поради повредата на коленото.

„Кога се повредив во мај 2019 година, мислев дека тоа ќе трае четири или пет месеци, па ќе се вратам на терените. Се подготвував за тоа, но гледате дека не ви оди…тогаш дознав дека морам да одам на нова операција во декември. Потоа во јануари морав да тренирам сам со многу подеми и падови, некои денови беа добри, а некои лоши, па пристигна и коронавирусот, се разболев…И наместо пет, паузирав дури 18 месеци. Во тој период размислував 24 часа. Поминав тешки моменти на депресија. Беше многу тешко на физички, но и на психички план. Најтешкиот период од мојата кариера. И уште потешко ми беше што бев далеку од дома. Подобро ќе ми беше да ја имав Елена покрај мене. Но ако ме прашате дали би сменил нешто, би рекол не. Беа тешки 18 месеци, но и долг процес од кој можев многу да научам“, вели Гурбиндо.

Тој потпиша договор на три сезони со Вардар и заедно со Јоел Куни Моралес и Томислав Јагуриновски ќе го сочинуваат триото на десната бековска позиција.