Гулден заминува од Кристијансанд: Се враќам дома поради болната сестра – таа има канцер

Поранешната репрезентативка на Шведска, Изабел Гулден, која важи за една од најдобрите ракометарки на светот, реши да го раскине договорот со раководството на актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад, поради семејни причини.

Швеѓанката во клубот од Норвешка пристигна на почетокот на оваа сезона и потпиша двегодишен договор, но од наредната сезона се враќа во својата татковина и таму ќе го носи дресот на Луги, клуб кој моментално се наоѓа на 7. позиција во шампионатот на Шведска. Со шведскиот клуб потпиша договор на три сезони.

Гулден во интервју за шведскиот спортски весник „Sportbladet“ раскажа зошто се одлучила на ваков чекор, кој беше неочекувано изненадувачки за сите.

„Мојата сестра Ребека е многу болна. Има рак на грлото на матката. Ситуацијата е тешка, но ќе помине. Таа добро реагираше на досегашниот третман. Се надеваме дека вака ќе продолжи и во иднина, но никогаш не се знае. Тоа е тешко да се предвиди“, изјави Гулден.

Средниот бек од Шведска на последното Европско првенство ја заврши својата кариера во репрезентативниот дрес. Во 2016 година со ЧСМ Букурешт ја освои и Лигата на шампионите. Последните сезони беше посакувана во голем број моќни клубови. Во својата кариера го носеше дресот и на Савехоф, Виборг и Брест Бретањ.