Грчевски: Наидовме на одличен тим, Ѓенѓеш е веднаш зад Веспрем и Пик Сегед

Екипата на Бутел Скопје втора година по ред ќе игра во европските купови, а годинава тоа ќе биде во новото натпреварување кое го доби името Лига на Европа.

Бутел Скопје влезе како носител во ждрепката за 1. коло, а за ривал го доби составот на Ѓенѓеш од Унгарија. Според ждрепката првата средба ќе биде одиграна во Унгарија, а реваншот ќе биде во Скопје.

„Европа ни е една шанса за да се покажеме како клуб, но воедно и да ја претставиме Македонија во едно позитивно светло и да се обидеме да ја минеме првата пречка. Нашиот противник доаѓа од една ракометна земја, каде што буквално живеат за ракомет. Унгарија е добро позната по ракометот, а екипата на Ѓенѓеш според некои информации е навистина квалитетна и е веднаш зад водечките Веспрем и Пик Сегед. Се работи за екипа која сака да стигне што е можно подалеку во Лигата на Европа“, вели тренерот на Бутел Скопје, Кристијан Грчевски.

Тој веќе има одредени информации околу тоа како игра оваа екипа односно кој стил на игра го негува.

„Негуваат навистина одлична полуконтра, од која се доста ефикасни. Играат и брз и динамичен ракомет, а одбранбено се навистина добро покриени. Се надевам дека во периодот кој ни следува ќе се подготвиме добро и ќе успееме да прикажеме добра игра која ќе не однесе подаалеку од првото коло“, изјавува Грчевски.

Првата средба ќе биде во Унгарија на крајот од август, додека првиот викенд од септември е реваншот во Скопје.