Горан Кузманоски: Еурофарм Пелистер 2 е фаворит утре, ние сме млада екипа

Екипата на Прилеп се наоѓа пред многу важен натпревар кој утре ќе го одигра против составот на Еурофарм Пелистер 2 на свој терен, а истиот одлучува околу пласманот во плеј-офот од Супер машката лига.

На прилепчани им треба победа од барем четири гола за да имаат шанси, што ќе биде доста тешко против битолчани кои се во добра форма.

Тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски, е задоволен од играта на неговите избраници во досегашниот дел од натпреварите во Супер лигата. Во еден од одлучувачките натпревари за плеј-оф беше совладан Бутел во Скопје, а во последниот и одлучувачки натпревар, Прилеп, ќе има исто така тешка задача против Еурофарм Пелистер 2.

Ривалот од Битола на последните натпревари ремизираше со Бутел и оствари победа против Металург. Кузманоски очекува дека неговите избраници ќе го дадат максимумот, а фаворитската улога ја препишува на противникот.

„Без разлика на поразот од Тиквеш,  јас како тренер на Прилеп сум задоволен од досега прикажаното. Ракометарите се млади, а поголемиот дел од нив играат првпат во Супер лигата. Искрено сум задоволен од нивниот пристап. Сфатија дека ова не се младински натпреварувања, дека се дел од една посериозна натпреварувачка конкуренција. За натпреварот против Еурофарм Пелистер 2 не очекувам ништо, ама знам дека ние ќе го дадеме максимумот како и на секој натпревар. Еурофарм Пелистер 2 е фаворит и е поискусна екипа, има доста квалитетни играчи, но ние сме екипа која е гладна за успех“, вели Кузманоски за 24 Ракомет.

Историски гледано, Прилеп, е ракометен град. Многу обиди и надежи се направија во последните години да се создаде квалитетна екипа. Оваа сезона, Прилеп, покажа дека има квалитет, но дали може во иднина да се носи со ракометните клубови како Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер. Кузманоски смета дека треба чекор по чекор да се гради екипата, но акцентот да биде ставен на младите таленти од Прилеп.

„Ние сме млади и желни за работа, рано е уште да се зборува за Вардар и Металург. Клубот мора да работи чекор по чекор, доколку сакаме да фатиме приклучок кон екипите од повисок ранг. Пред сè нас ни се важни младите деца од Прилеп“.

Кузманоски минатата сезона беше ракометар на Еурофарм Пелистер, а сега е во тренерските води. Секој почеток е тежок како тренер. Во овој период добро го води Прилеп, а Еурофарм Пелистер ќе му остане во добро сеќавање како клуб во кој ја одигра последната сезона како играч.

„Не очекував ваков почеток, но се надевав на нешто слично. Пред сè имав мало искуство во Романија, но ова е нешто друго. За тоа се заслужни самите ракометари кои пред сè, се однесуваат професионално и дисциплинирано. Еурофарм Пелистер за мене ќе остане како позитивно искуство, затоа што таму ја поминав последната година како играч“.

Прилеп во натпреварот против Бутел оствари победа и остана во игра за плеј-оф. Иако во поголемиот дел од натпреварот, Прилеп, водеше со четири погодоци, сепак, на крајот дозволи домашните ракометари целосно да се вратат во игра. Со искуството на Чантурија и добрата одбрана во последните минути, Прилеп, стигна до голема победа.

„Во Бутел бевме свесни дека нема што да загубиме. Знаевме дека сите, почнувајќи од мене, па сè до играчите, моравме да го надминеме поразот од претходниот натпревар. Пред сè покажавме дека можеме да играме против сите. Бутел е квалитетна екипа, и според мене е екипа која е претедент за првите четири позиции кои водат во Европските купови. Во текот на натпреварот нормално е да имаш падови, нашата екипа нема искусен играч од линијата од 9 метри. Капитенот, Чантурија, ја презеде целата одговорност и неговото искуство дојде до израз“, коментираше тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски, за 24 Ракомет.

Веќе утре ќе се знае кој ќе биде последниот патник во плеј-офот. Прилеп, ГРК Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2 ќе се борат за влез меѓу најдобрите. Натпреварот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 почнува од 17 часот.