Голем проблем за Црна Гора – Деспотовиќ го пропушта Мундијалот во Шпанија

Репрезентацијата на Црна Гора на Светското првенство во Шпанија кое ќе стартува на 1 декември ќе настапи без левиот бек, Јелена Деспотовиќ. Нејзиното отсуство ќе претставува дополнителен проблем за селекторот Бојана Поповиќ која нема да смета и на Ѓурѓина Јауковиќ и Катарина Џаферовиќ. Двете споменати ракометарки поради повреда ќе ја пропуштат скоро цела натпреварувачка сезона.

Јелена Деспотовиќ подолго од една година има проблем со рамото на левата рака. Според направените анализи, лекарите на ракометарката од Ѓер и советувале да направи операција.

„Овој голем проблем за мене не е од вчера. Имав болки последнава година и пол. Првиот пат кога направив магнетна резонанца, лекарите ме советуваа да се оперирам. Сепак, ова е последната опција, бидејќи рамото не е колено или зглоб и закрепнувањето е тешко и трае долго. И сезоната беше таква што немав време за одмор, но во исто време се опоравував и се подготвував за натпреварите. Тоа не беше најпаметното нешто и сигурно не би можела да играм и да издржам толку многу натпревари во толку многу денови. На пример, во Ѓер се случува да играм, па на следниот натпревар да не играм. Разговарав со Амрош Мартин и Бојана Поповиќ и на крајот ја донесов одлуката да не патувам во Шпанија. И многу ми е жал“, коментираше Деспотовиќ во разговор за „Побједа“.

Црна Гора на Светското првенство во Шпанија ќе настапи во Групата А. Противници на избраничките на Бојана Поповиќ ќе бидат репрезентациите на Франција, Ангола и Словенија. Првите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.