Telekom Veszprém - Vörös Dávid

Голем пех за Веспрем – Тешка повреда на Лауге, го чека долга пауза!

Унгарскиот Веспрем славеше со убедливи 41-33 над бундеслигашот Кил, но скапо ја плати таа победа.

По мечот беше утврдено дека данскиот репрезентативец Расмус Лауге Шмит доживеал тешка повреда и дека страдале вкрстените лигаменти на коленото.

Тоа значи пауза најмалку од шест месеци, па Лауге сигурно ќе го пропушти завршниот турнир во ЛШ, како и Светското првенство во Египет.

„По мечот, врз Расмус Лауге беа извршени прегледи и стана јасно е дека станува збор за проблем со вкрстените лигаменти. Неопходен ќе биде хируршки зафат. Операцијата ќе биде извршена во Данска, се надеваме дека ситуацијата со коронавирусот ќе овозможи Лауге да може што поскоро да отпатува во татковината“, напиша Веспрем во клупското соопштение.

Веспрем следната недела го очекува тешко гостување кај Барселона во елитното натпреварување, но Давид Дејвис ќе мора да го крои составот без Лауге.