Голема драма во Скопје – Франсуа со голот во последните секунди донесе реми за Пелистер!

Ракометарките на Скопје и Пелистер одигра драматичен натпревар во кој си поделија по еден бод, 22-22. Според прикажаното на теренот, нерешениот резултат е најреален, иако Скопје може повеќе да жали за победата, бидејќи требаше да го одбрани последниот напад на битолчанки кој заврши со гол од пенал.

Јасмина Попова ги даде првите два гла за новакот во Женската лига за 2-0, но битолчанки набрзина направија пресврт и поведоа со 3-2. Во продолжение се играше гол за гол до 6-6, но новото засилување за Пелистер, Франсуа, и Корлевска погодија за плус два за гостинките, 8-6.

Скопје парираше, Попова и Филипова од пенал, донесоа реми, 9-9. Французинката Франсуа зголеми на 12-10, но во финишот Павлова погоди за 12-11, па на пауза битолчанки замминаа само со еден гол предност.

На стартот на вториот дел се играше гол за гол, Скопје во еден момент израмни на 15-15, но две наивни грешки и Пелистер одново беше на плус два, 17-15. Имаа битолчанки шанси за плус три, но и тие грешеа, па домаќинките намалија на 17-16 преку Филипова, но потоа промашија и пенал и не искористија две шанси за реми.

Сепак тоа им успеа на десет минути до крајот преку Попова од пенал, која израмни на 18-18. Истата ракометарка не реализираше за водство, но нејзината грешка ја поправи Георгиевска, која му донесе плус еден на Скопје, 19-18. Со две ракометарки помалку на терен, Пелистер израмни и најави драматична завршница.

Беше 21-21 на минута и пол до крајот, кога Радуловиќ повика тајм-аут. Од беизлезна ситуација Попова од далечина донесе 22-21, но гостинките успеаја да организираат последен напад и преку Франсуа да погодат од пенал за реми 22-22 и бод од гостувањето во Скопје.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Јасмина Попова со шест, како и Мила Филипова и Ана Георгиевска со по четири гола, додека кај Пелистер се истакна Французинката Мари Франсуа со девет погодоци, а пет даде Моника Босилковска.