Голема борба за врвот на листата на стрелци кај дамите – Ризоска, Анчева, Гроздановска…

По завршувањето на скоро сите натпревари од 12. коло во плеј-оф и плеј-аут фазата во Женската супер лига, познато е кој ја предводи листата на стрелци кај дамите.

Репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска, моментално, е лидер на стрелците со 222 погодоци. Ракометарката на Феникс речиси на сите натпревари постигнува двоцифрен број на голови. Одличните настапи на клупско ниво беа причина минатата година да добие повик во сениорската репрезентација на Македонија.

На второто место кај стрелците е искусната ракометарка на Астибо, Марија Анчева, која е алфа и омега во својот тим. Анчева во однос на Ризоска заостанува само шест гола. Зад своето име има запишано 216 погодоци, но има голема шанса да го преземе лидерското место.

На третото место кај стрелците се наоѓа десниот бек на Спартак, Ангела Гроздановска со 186 погодоци, додека 4 место го делат, Марија Јанкуловска од Пелистер и Магдалена Делиоска од Стружанка, кои моментално имаат постигнато по 177 погодоци.

Поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, по заминувањето од Металург, се посвети во нејзиниот матичен клуб, Гевгелија. Митрова заедно со Елена Димова и Бети Петковска се најдобрите стрелци во клубот од најужниот македонски град, но, Митрова значително се истакнува на листата на стрелци со 168 погодоци.

Драгана Стојанова од Астибо и Елена Вучевска од Овче Поле СУ ја делат 7. позиција со 133 погодоци. Една од ракометарките кои од следната сезона ќе настапува во странство, Јована Кипријановска, со 131 погодок се најде на 9 место. Најдобриот стрелец на Вардар, Ивона Трпевска со 129 погодоци е на 10 место.

По Трпевска, следуваат Моника Босилковска од Пелистер и Анастасија Ѓорѓиева од Кузман Вардар со 121 погодок, па ракометарката на Чаир, Стефанија Ѓорѓиевска, која на годинешниот младински Ф4 беше најдобар стрелец. Ѓорѓиевска до овој момент има постигнато 119 погодоци…

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ, ЖЕНСКА ЛИГА, ТОП 10

1.Емилијана Ризоска (Феникс) 222
2.Марија Анчева (Астибо) 216
3.Ангела Гроздановска (Спартак) 186
4.Марија Јанкуловска (Пелистер), Магдалена Делиоска (Стружанка) 177
6.Драгица Митрова (Гевгелија) 168
7.Драгана Стојанова (Астибо), Елена Вучевска (Овче Поле СУ) 133
9.Јована Кипријановска (Куманово) 131
10.Ивона Трпевска (Вардар) 129