Глибко: Ја анализиравме Македонија и нивните шеми, движења, додавања – се ќе зависи само од нас

Македонија ја очекува бараж двомеч со селекцијата на Украина за пласман на Светското првенство 2023 во Данска, Шведска и Норвешка.

Нашите ракометарки ќе мора да ја запрат Ирина Глибко, втор стрелец оваа сезона во Лигата на Европа. Таа верува дека нејзината селекција има шанси за место на Мундијалот.

„Работиме на сите моменти, повторуваме тоа што треба да го играме во напад, обрнуваме многу внимание и на одбраната. Го анализираме македонскиот тим – нивните шеми, движења и веруваме дека имаме шанса. Тоа не е слаб противник. Ривалот има одлични крила и добри бекови, кои соработуваат многу. Како за нас, така и за нив, ова е важен двомеч. Се зависи само од нас, како ние ќе се однесуваме и какоо ќе играме. Ние сме репрезентација што може да го добие бронзениот од ЕП – Хрватска, да биде во егал со Франција, а потоа да загуби десет гола од селекција како Словачка. Имаме краток период за подготовка, но сите имаат исти услови“, вели Глибко.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Украина се игра в сабота на 8 април во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19:00 часот, а реваншот е на неутрален терен во Кишварда на 11 април од 17:00 часот.