Гичевскa: Најголемиот успех ми е пласманот на Ф4 со Вардар, ако не станев ракометарка – ќе играв кошарка или одбојка

Репрезентативката на Македонија, Леонида Гичевска која минатата сезона играше за Куманово оваа сезона го има своето прво интернационално искуство во францускиот тим Ардеш Ле Пужен.

Гичевска за официјалната фан страна на Фејсбук на клубот одговараше на прашања и меѓу другото откри кој е нејзиниот идол, кој дел од кариерата најмногу и останал во сеќавање и што би била доколку не стaнеше ракометарка.

„Најдобрите моменти од мојата кариера се со Вардар во Лигата на шампионите и се надевам дека тоа ќе се повтори. Во играта навистина сум среќна кога ќе постигнам гол од далечина или ќе асистирам кога никој не очекува. Мој идол и најдобра ракометарка според мене е Кристина Неагу која повеќе пати беше прогласена за најдобра ракометарка во светот. Доколку не бев ракометарка ќе играв кошарка или можеби одбојка затоа што ги сакам екипните спортови“, рече Гичевска.

Леонида Гичевска во својата кариера до сега го носеше дресот на Вардар, Металург и Куманово пред за замина во Франција.