Гичевска: Мораме сериозно да се подготвиме за Украина, можеме да ја израдуваме Македонија

Украина ќе биде ривал на Македонија во бараж двомечот за пласман на Светското првенство во 2023 година во Данска, Шведска и Норвешка.

Левиот бек Леонида Гичевска смета дека не смее да се потцени ривалот, но дека Македонија има шанси за пласман на Мундијалот.

„Противникот ако би имале можност да бираме, со сигурност би бил во изборот. Не се многу позната селекција во моментот – но исто така не се за потценување. Знаеме во какви проблеми се наоѓа Украина како држава. Поради состојбата повеќето играчи играат во странски лиги, кои што се поквалитетни. Нормално дека треба да се спремаме за нив сериозно, да се види од каде доаѓа најголемата опасност и каде е нивната најголема слабост. Според мене една од подобрите ракометарки на Украина е Ирина Глибко која што е лидер исто така и на Валчеа во Романија. Се надевам дека ќе имаме огромна поддршка од навивачите и македонската Фаланга исто како на дуелите на Европското првенство. Верувам во мојот тим и се надевам дека сите заедно ќе ја израдуваме Македонија“, вели Гичевска.

Првиот натпревар треба да се игра во Македонија на 7/8 април, додека реваншот е на 11/12 на гостински терен, кој моќеби ќе биде неутрален.

Украина стои на патот на Македонија до Мундијалот во 2023 година!

Наследничките на Цигица, Верхљук, Борисенко…не се тоа ниво, но Украина не смее да се потцени!