Наследничките на Цигица, Верхељук, Борисенко…не се тоа ниво, но Украина не смее да се потцени!

Слично како и во Македонија, така и во Украина имаше голем пад на женскиот ракомет, и на клупски и на репрезентативен план.

Противникот на Македонија во баражот за СП 2023 година, нема играно на големо натпреварување од ЕП 2014 година во Унгарија и Хрватска. Ѕвездените моменти Украинките ги имаа на ЕП 2000 во Романија кога освоија сребро, СП 2003 во Хрватска кога беше четврто место и ОИ 2004 во нашиот јужен сосед, кога освоија бронза.

Славната генерација на Леонид Ратнер беше со некогашните членки на Кометал ЃП – Олена Цигица, Галина Маркушевска, Олена Радченко и Наталија Борисенко…потоа Гана Сјукало, Олена Јаценко, Марина Верхељук, Лилија Столпакова…

Нивните наследнички го немаа тој квалитет по ЕП 2014 да обезбедат место на големите настани, а многупати селекторот Виталиј Андронов, кој ги водеше и мажите, не можеше да смета на најдобрите ракометарки. Во стручниот штаб на Андронов, се наоѓа една ракометарка од шампионската генерација на Кометал Ѓорче Петров, голманката Оксана Плошчинска, која работи за чуварите на мрежата. Со нив двајца работи поранешната членка на Мец и Крим, Олга Передери.

Што се однесува до ростерот на Украина, најдобри ракометарки на двомечот со Луксембург беа Марија Коновалова од Галичанка Лвов, Како и Ирина Глибко од романската Валчеа.

Најискусните во националниот тим се 32-годишниот плејмејкер Глибко, како и Јулија Андријчук од норвешката Волда која има 30 години. Тука се Левченко, Самбатиан и Смолинг, кои исто така настапуваат во странство. Не смее да се заборави ниту голманката на германскиот Фуксе Берлин, Марија Гладун.

Од интернационалките тука се пивотот на Подравка, Ирина Стелмах, потоа Олена Шупи од полскиот Кобержице и Наталија Стрјукова од романската Бистрица.

Пред првиот бараж за СП 2023 година со Луксембург, Украина беше дел од квалификациите за ЕП 2022 и оствари победа против Хрватска на гости со 23-22, но загуби дома и не успеа да се пласира на континенталниот собир.

Украина има еден настап на ОИ, седум настапи на СП и 11 учества на ЕП, па во тој план е поискусна од Македонија. Можевме да добиеме полесен, но и потежок ривал, а со Украина шансите ќе бидат 50-50 и може да се надеваме на прекин на постот од 2007 година кога беше Мундијалот во Франција.

Украина стои на патот на Македонија до Мундијалот во 2023 година!