Ракометарите на Кил може да одиграат 102 меча следната сезона!

Според пресметките кои ги направи ракометарот од Данска, Расмус Бојсен во текот на следната сезона ќе има навистина пеколен распоред на натпревари бидејќи голем дел од оние средби кои требаше сезонава ќе се одиграат следната.

Тој пресмета дека играчите на Кил кои се дел и од репрезентацијата на Германија би можеле да одиграат вкупно 102 натпревари што е пеколно тежок распоред.

„Постојат многу прашања во врска со претстојната ракометна сезона. Веќе си обезбедува место како сезона на пеколот“, вели Бојсен.

Според пресметките во Бундес лигата ќе има 38 кола. Eден натпревар е од Супер купот на Германија, еден од Ол-стар натпреварот, а можни се и шест натпревари од Купот на Германија од следната сезона и уште два од Ф4 турнирот на Купот за оваа сезона. На клупски план се и дуелите од Супер Глоуб турнирот кој е можен, а таму има максимум четири дуели, како и 20 натпревари во Лигата на шампионите.

На овие на клупски план се надоврзуваат и репрезентативните натпревари. Квалификациите за Олимписките игри носат три средби, баражите за СП две, а на Олимписките игри можат да бидат одиграни максимум осум дуели. На светското првенство се максимални девет, а во квалификациите за ЕП 2022 се шест.