Германија ја демолираше Аргентина, Египет на Парондо ја совлада и Белгија

Денеска од 18:00 часот продолжија натпреварите од првото коло од втората фаза на Мундијалот во Полска и Шведска.

Германија која беше првопласирана во групата Е, ја врати во реалноста третопласираната Аргентина од групата Ф декласирајќи ја со резултат 39-19 (24-11). Слично сценарио имаше и натпреварот во кој Египет на Парондо кој беше прв во групата Д, вкрсти со третопласираната Белгија од групата Х, славеше со резултат 33-28 (22-15).

Германија-Аргентина 39-19 (24-11)

Аргентина поведе во првиот напад и го имаше првото и единствено водство во текот на целиот натпревар. Од тој момент на теренот постоеше само репрезентацијата на Германија која покажа дека е за класи над својот денешен противник. Расположено за голови беше триото Мертенс, Грецки и Гола кои заедно постигнаа 15 погодици од 24-те на Германија во првиот дел. Панцирите уште на стартот направија серија од 5-1 по која од резултат 2-1 се одлепија на 7-2, константно зголемувајќи го своето водство во првиот дел. Фантастичната игра на теренот германците ја крунисаа со двоцифрено водство од 19-9 во 23.минута, но тука не беше крајот на маките на Аргентна која влезе во германската машинерија и на полувреме мораше да замине со негатива од тринаесет погодоци 24-11.

Измачувањето на Симонет и дружината продолжи и во второто полувреме. Германија не знаеше за стоп па постојано го полнеше голот на ,,гаучосите“. Германците застанаа на 39 постигнати погодоци а примија само 19, за неверојатна победа од дваесет голови разлика.

Најпрецизни во составот на ,,панцирите“ беа Грецки, Мертенс и Гола со по пет гола, а кај Аргентина Мартинез со пет и Пабло Симонет со четири погодоци.

Египет -Белгија 33-28  (22-15)

Во вториот натпревар од 18:00 часот Египет го продолжи победничкиот ритам на Мундијалот.  По убедливите победи во првата фаза над Хрватска, Мароко и САД, жртва на ракометарите на Гарсија Парондо беше Белгија која загуби со 33-28 (22-15).

Египјаните диктираа темпо во текот на целиот натпревар, а посебно добри беа во првиот дел каде и го решија победникот на овој натпревар. Расположени за игра беа Рамадан и Ел Дера за кој белгијците немаа одговор. Египет резултатски се одлепи многу рано на натпреварот, па во првиот дел броеше до највисоки +8  (19-11). До крајот на првиот дел Белгија намали еден гол од највисоката негатива за конечни 22-15 на полувреме.

Во вториот дел видовме многу подобра игра од Белгија која се обидуваше да го изненади фаворитот но убедливата предност која ја стекна во првиот дел беше доволна за Египет да ја продолжи својата победничка серија на Мундијалот. Белгија преку Ванеси и Ван Косен даваше отпор на Египјаните, но најмногу што успеа да направи е да намали на подносливи -4 (32-28). Мохамед со својот петти гол го постави конечниот резултат на мечот 33-28.

Најпрецизен во победничкиот тим на Египет беше Махмуд Мосен со седум, а гол помалку имаше Ел Дера. Кај Белгија најдобар стрелец беше Себастиен Данеси со девет погодоци.