Георгиевски: Во нашата група се е отворено, очекувам поддршка од навивачите

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ги доби ривалите во групата за Светското првенство во 2023 година. Домаќини на Мундијалот ќе бидат Полска и Шведска.

Македонија ќе игра во групата Ф што ќе се игра во полскиот град Краков, а противници ќе бидат силната Норвешка и незгодните репрезентации на Аргентина и Холандија.

Еден од најискусните ракометари во македонската репрезентација, Гоце Георгиевски смета дека групата во која се наоѓа Македонија е доста израмнета и дека сите репрезентации имаат шанса за пласман во следната фаза.

,,Според мене како најтежок противник ни се падна Холандија, репрезентација која беше во четвртиот шешир пред ждрепката Холанѓаните играат добар ракомет и нивната репрезентација е во подем. Очекувам на ова Светско првенство, исто како што беше и на Европското првенство во Краков (2016), да имаме поддршка од нашите навивачи. Можеше групата да биде полесна, но и потешка, сите репрезентации во нашата група се квалитетни, пример Аргентина на Светското првенство во Египет ја изненади Хрватска. Тука се е отворено и секоја репрезентација може да направи изненадување”, изјави Георгиевски за 24Ракомет.

Светското првенство ќе се игра во четири полски града – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк, како и во пет шведски града – Малме, Јончопинг, Гетеборг, Кристијанштад и Стокхолм од 11 до 29 јануари.

Македонија ќе игра во Полска, доби тешка група на Мундијалот!