Гевгелија го победи Спартак и го остави на дното

Ракометарките на Гевгелија во рамки од 9. коло од Женската лига славеа на гостувањето во Скопје кај екипата на Спартак, со резултат 26:23 во натпревар од групата А. За Гевгелија денешната победа беше трета во новата натпреварувачка сезона, додека Спартак на свое конто има само еден бод и осум порази.

Спартак, кој во дуелот против екипата од најјужниот македонски град настапи со речиси една постава, немаше премногу опции во нападот. Избраничките на Мицевски добро тргнаа, беа во предност во неколку наврати и откако се одлепија на 7:4, следуваше пресвртот од страна на гостинките.

Гевгелија направи одлична серија од 9:0, поведе со 13:7 и натпреварот го водеше до сигурна победа. Домаќинките речиси 15 минути беа без постигнат гол и никако не можеа да дојдат до егал. Ракометарките на Гевгелија со одличната игра во последниот период од првиот дел на пауза заминаа со водство од четири гола разлика, 13:9.

Гостинките во вториот дел наметнаа висок ритам, набрзина стигнаа до 18:10, ги казнуваа грешките на домашниот тим и рутински ги одработија вторите 30 минути. Поради убедливата предност, дојде до замор и опуштање во редовите на Гевгелија, па така Спартак успеа само да ја преполови негативата и да го ублажи поразот.

Најефикасна во редовите на победничката екипа беше екс репрезентативката на Македонија, Ленче Илкова, која постигна шест погодоци (сите од пенал). Листата на стрелци во поразениот табор ја предводеше одличната Јана Ѓошевска со девет гола, кои беа недоволни за поволен резултат.