Гебала, Северас, Шаген и Вицке ќе го одредат патот на Македонија до ново учество на ЕП

Машката репрезентација на Македонија утре ќе се најде во ждрепката за квалификациите за следниот голем настан – ЕП 2024 година. Во Берлин, четворица ракометари ќе бидат дел од ждрепката – Полјакот Мацеј Гебала, Норвежанецот Кристијан Северас, Холанѓанецот Боби Шаген и Германецот Лука Вицке, па тие ќе го одредат патот до ново ЕП на Македонија.

Нашата селекција се најде во втор шешир, а ЕХФ ги исклучи од квалификациите Русија и Белорусија, па имаше поместувања во шеширите и две нови селекции – Грузија и Луксембург.

Гледајќи ги можните ривали, Македонија не би требало да има проблеми да се пласира на нов континентален собир. Ќе добиеме само еден посилен ривал од првиот шешир, а во третиот шешир има незгодни селекции од кои не треба да се плашиме, но не треба ниту да ги потценуваме.

Македонија во овие квалификации за првпат ќе биде без Кирил Лазаров и Филип Миркуловски. Ждрепката е утре од 18:00 часот, а квалификациите ќе почнат во октомври годинава.

На ЕП 2024 веќе се пласирани домаќините Германија, како и медалистите од ЕП 2022 – Шведска, Шпанија и Данска, па од 24 остануваат слободни уште 20 места. Пласман ќе обезбедат сите осум пласирани први и втори во осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири третопласирани.

шешир 1: Норвешка, Франција, Хрватска, Словенија, Унгарија, Португалија, Исланд, Австрија

шешир 2: Македонија, Чешка, Полска, Холандија, Црна Гора, Србија, Швајцарија, Украина

шешир 3: Босна и Херцеговина, Литванија, Летонија, Израел, Словачка, Турција, Романија, Грција

шешир 4: Косово, Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Италија, Грузија, Луксембург