ГА КЛ7 сериозно се засилува – доаѓа поранешен репрезентативен голман

Иако во новата сезона ќе биде прволигаш, тимот на ГА КЛ7 има намера многу брзо да се врати во елитата. Речиси целиот тим од лани е задржан, а управата продолжува да ги пополнува местата за кои смета дека треба да бидат уште посилни. Тимот од Скопје е пред договор со поранешниот репрезентативен голман Златко Даскаловски кој во тимот треба да има двојна улога.

Искусниот чувар на мрежата по две години замина од Бутел Скопје и од следната сезона ќе има поинаков предизвик. Откако ГА КЛ7 остана без Андреј Петковски, кој го засили Пролет, стратегот Никола Матлиески со доаѓањето на Даскаловски ќе надомести за празното место и ќе добие голман што знае како е да се брани на тешки натпревари. Покрај бранењето Даскаловски ќе работи и како тренер на голманите во тимот со цел да го пренесе своето богато искуство на помладите.

Овој 36-годишен играч во Македонија бранеше за екипите на Струга, Пролет, Вардар и Бутел Скопје, а на меѓународна сцена беше дел од црногорскиот Ловќен, турската Анкара, романскиот Темишвар и францускиот Стразбур. Со Вардар настапуваше и во европските купови.

ГА КЛ7 претходно го ангажираше и искусниот среден бек Ивица Илиев, па тимот во идната сезона ќе биде спој на младост и искуство и ќе биде еден од првите фаворити за камбек во суперлигашкото друштво.

Голден Арт КЛ7 до последното коло беше во игра за опстанок во Суперлигата, но не успеа да остане во елитата. Од составот што играше минатата сезона си заминаа Андреј Петковски и Игор Ѓорѓиев, како и тренерот Игор Котевски, но трите испразнети позиции веќе се пополнети, а доколку тимот донесе уште некој играч, сигурно ќе добие повеќе на квалитет.

ГА КЛ7 добива на искуство – доаѓа вториот стрелец на лигата Ивица Илиев

Поранешен селектор ќе биде нов тренер на ГА КЛ7