Гаџа: Ние сме Вардар, секогаш одиме на триумф

Ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер утре ќе го одиграат натпреварот од Суперкупот во Скопје.

Ова ќе биде прв официјален натпревар за двете екипи. Вардарци одиграа еден тест против Металург и победија, додека битолчани одиграа три меча и на трите победија против тимот од Автокоманда и против Еурофарм Пелистер 2.

Средниот бек Анте Гаџа вели дека иако многуте нови играчи не се доволно воиграни, ќе се обидат да стигнат до трофејот.

„Пред нас е првиот официјален натпревар и веднаш се игра за трофеј. Ние сме Вардар, секогаш одиме на триумф и секако дека сакаме да го освоиме трофејот во Суперкупот. Знаеме дека е многу рано, дека имаме многу нови играчи и Гурбиндо ни фали, тоа сигурно ќе се почувствува, но мораме да дадеме се од себе, мора да се види ангажман, труд и волја, па мислам дека така ќе ги скриеме сите недостатоци на невоиграноста и дека ќе славиме. Тешко е затоа што имавме малку време, зборуваме различни јазици со новите играчи, се „бараме“, но ќе ќе покажеме борбеност и се надевам дека уште поподготвени ќе ги дочекаме предизвиците во СЕХА и ЛШ“, вели Гаџа.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.

Вардар досега победуваше на сите три изданија од Суперкупот.