Галевски блескаше, Охрид без муниција против Алкалоид

Ракометарите на Алкалоид во натпревар од 11. коло од суперлигашкиот плеј-оф на свој терен славеа убедлива победа против Охрид со 31:23 и се зацврстија на 3. позиција на табелата.

Амбициозниот Алкалоид до победата дојде со одличната одбрана во првото полувреме, односно во првите 15 минути од дуелот кога од 2:2 отиде на 8:2. Алкалоид сурово ги казнуваше грешките на повозрасниот ривал, кој целосно беше изгубен во налетот на младите момци на Лазаров.

Предводник во победничката екипа беше 18-годишниот голман Иван Галевски со 13 одбранети удари. Младиот ракометар чекор по чекор ги откажуваше гостите во желбата да се изборат за евентуален егал.

Според очекуваното, натпреварот започна со цврста одбрана на двете страни, домаќините со голот на Серафимов поведоа со 1:0, додека гостите од Охрид првиот гол го постигнаа по пет минути игра преку грузискиот интернационалец Рустамов. Домаќинот со одличната одбрана и сѐ подобриот Галевски не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. По нерешените 2:2, избраниците на Лазаров со серија од 4:0 кон средината на првото полувреме се одлепија на ,,плус четири” 6:2.

Тренерот на Охрид, Горан Андоновски, во 14-та минута мораше да повика тајм-аут, со цел неговиот тим да се врати во игра. Кофиловски со својот втор гол зголеми на 7:2 во 15-та минута, минута подоцна Ѓорѓиев беше ефикасен од контра за 8:2. Кризата во составот на Охрид беше прекината со голот на кружниот напаѓач Иван Тасевски. Гостинот постигна уште два гола во низа и во 20-та минута дојде до минус три, 8:5.

Следуваше период, во кој се играше гол за гол, гостите се обидуваа да  дојдат до се помала негатива, но домаќинот не дозволуваше премногу опуштање, иако во одредени моменти имаше осилации во играта. Алкалоид откако поведе со 12:7, гостите за момент повторно дојдоа до минус три, 12:9. Новакот се консолидираше во финишот, постигна уште неколку гола во мрежата на гостинот и на пауза замина со предност од 15:10.

Ракометарите на Андоновски со неколку мини серии се доближија на 18:14 во 37-та минута. Алкалоид во последните дваесетина минути остана без Костадин Петров. Искусниот ракометар заработи повреда на коленото и мораше да го напушти теренот. Во 40-та минута предноста на домашниот тим беше 20:17 и до тој момент бековите на Охрид имаа постигнато само три погодоци (два Шешиќ и еден Каракоч).

Гостинот безуспешно го ловеше водството на дебитантот во Супер лигата. Алкалоид имаше мирна завршница, успеа да се подобри во нападот, ја зголеми предноста во последните десет минути и се израдува да нова победа во суперлигашкиот плеј-оф.

Најефикасен во победничката екипа беше Мартин Серафимов со шест погодоци. Кај Охрид се истакнаа Казеин Рустамов и Гал Цирар со шест, односно пет реалзиации.