Вчера беше на работа и бараше дозвола од шефот да дојде на ЕП, а денеска блесна во Будимпешта (ВИДЕО)

Холандија ја оствари првата победа во главната фаза против Црна Гора со 34:30 и покрај огромните проблеми што ги имаше со коронавирусот.

На последното тестирање позитивни беа селекторот, тренерот на голманите и двајцата голмани Шелекенс и Равенсберген, но нивната замена не дозволи да се почувствува нивното отсуство.

Тијс ван Лејвен кој настапува во првенството на Белгија и не беше во плановите на селекторот мораше да помогне на својата селекција. Тој на најдобар можен начин ја искористи својата шанса и беше најзаслужен за победата на својата репрезентација.

Повикот го добил вчера во 11:00 часот додека бил на работа.

„Тренерот ми рече да се спакувам и да патувам за Будимпешта. Морав брзо да разговарам со мојот шеф. Имаме многу работа, па го донесов и лап топот да доработам тоа што треба овде. Работам во здравството, дизајнирам импланти за черепот. Никогаш не сум бил професионалец. Морам да работам 36 часа неделно, а тренирам шест пати. За нас Холанѓаните во ова нема ништо посебно, ние се уште учиме ракомет“, вели ван Лејвен.

Тој е роден во Саудиска Арабија, во Џеда, каде што неговиот татко работел во авио индустријата.

Лејвен натпреварот го заврши со 15 одбрани и беше прогласен за играч на натпреварот. Погледнете една од маестралните негови одбрани во следното видео.