Вујо носи екс-младински репрезентативец на Србија во Борац

Шампионот на БиХ, Борац од Бања Лука ја комплетира екипата за преостанатиот дел од сезоната. По доаѓањето на Веселин Вујовиќ на тренерското место, амбициите на клубот се на повисоко ниво.

Клубот реши да го ангажира поранешниот младински репрезентативец на Србија, Саво Славуљица. Босанскиот тим со Славуљица потпиша договор до крајот на сезоната со можност за продолжување на истиот.

Клучна улога на неговиот трансфер од Романија во БиХ бил Веселин Вујовиќ кој добро ги познава квалитетите на младите играчи од Балканот.

„Сигурно дека еден од главните фактори за моето доаѓање во Бања Лука е Веселин Вујовиќ. За мене е голем предизвик да соработувам и да учам ракомет од него. Вујовиќ секогаш оставаше негова трага во сите клубови и многу млади ракометари напредуваа покрај него, а јас тоа и го посакувам“,, изјави Славуљица за локалните медиуми во Бања Лука.

Десниот бек од Србија има големо интернационално искуство иако има само 22 години. Во Борац пристигнува од романскиот суперлигаш, Политехника Темишвар. Има настапувано и за Орошхази од Унгарија. Во Србија го носеше дресот на Динамо од Панчево, Нови Пазар и Црвенка.