Вујо доби засилување пред дуелот со Е. Работник: Ракометар од златната генерација во стручниот штаб

Со доаѓањето на Веселин Вујовиќ во редовите на ППД Загреб почна кревањето на атмосферата, а веќе почнаа и промените во стручниот штаб.

Овој пат Вујовиќ за помошник добива ракометар кој беше дел од златната генерација која доминираше неколку години со светскиот ракомет. Еден од најдобрите дефанзивците во репрезентацијата која освои златни медали на Светското првенство во 2003 година и на Олимписките игри во 2004 година, Денис Шпољариќ почнува тренерска кариера и ќе има сериозен предизвик во тимот на Вујо.

Шпољариќ како играч менуваше неколку клубови, но постојано се враќаше во Загреб каде што ја почна кариерата. Од 1997 до 2001 година беше во Загреб, потоа една сезона во Винтертур, па одново четири сезони во Загреб. Во сезоната 2006/07 замина во Целје, но се врати и до 2010 година го носеше дресот на Загреб. Оттаму се пресели во Германија каде што играше до 2017 година во Фуксе Берлин.

Летото во 2017 година ја заврши кариерата на 38 години, а ова ќе му биде прва тренерска задача.