Вујовиќ: Убаво би било да ја почнеме сезоната со трофеј

Ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер утре ќе го одиграат натпреварот од Суперкупот во Скопје.

Ова ќе биде прв официјален натпревар за двете екипи. Вардарци одиграа еден тест против Металург и победија, додека битолчани одиграа три меча и на трите победија против тимот од Автокоманда и против Еурофарм Пелистер 2.

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, посакува старт на сезоната со триумф.

„Не очекува дуелот со Еурофарм Пелистер, кој ќе ни биде конкурент и за титулата во Суперлигата. Тие и минатата година имаа важна улога и во македонската лига и во Европа. Без оглед на тоа што ние ја темпираме формата за натпреварите од СЕХА против Загреб, наша обврска е да одиграме добро и да го освоиме трофејот во Суперкупот. Воопшто не размислувам со каков резултат ќе победиме, иако знам дека навивачите ќе сакаат тоа да биде со поголема разлика, но ајде да видиме во каква форма сме. Нас се уште ни фали Гурбиндо, кој сигурно ќе биде големо засилување. Сакам мојот камбек да почне со некој триумф, но не знам какви се правилата и дали и колку ќе има публика во салата. Секогаш е емотивна мојата средба со „Комити“ и знам дека колку и да бидат, сигурен сум дека ќе ме поздрават. Ја почитуваме екипата на Еурофарм Пелистер, знам дека ќе играме и во финалето во Струга, но сигурен сум дека ова утре ќе биде европски натпревар“, вели Вујовиќ.

Вардар има многу нови играчи, па немаш премногу време за воигрување пред стартот на дуелот од Суперкупот.

Нема време за воигрување, но сигурно и колегата Бабиќ го има истиот проблем, иако тој е овде повеќе од година дена и ја има таа, некоја временска предност. Во секој случај ја познавам екипата на Еурофарм Пелистер, можностите на мојата екипа и мислам дека во Суперкупот, односот на силите е 50-50. Убаво е да ги видам дел од моите играчи како ќе одиграат во такви услови. Не се оптеретувам премногу, но би сакал да го освоиме трофејот“, заврши Вујовиќ.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.

Вардар досега победуваше на сите три изданија од Суперкупот.