Вујовиќ: Секогаш ќе има повеќе луѓе што ме сакаат, отколку што ме мразат – Шпрем е еден од вторите

Лавина од реакции низ балканските медиуми предизвика изјавата на некогашниот хрватски репрезентативец Горан Шпрем за екс тренерот на Вардар и селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ.

Вјовиќ, кој ужива голема почит во Хрватска, за порталот „Индекс“ вели дека не му било сеедно кога прочитал таква изјава.

„Навистина не знам што е причината за таква изјава. Горан Шпрем го знам како одличен играч кој беше дел од историските успеси на хрватската репрезентација и симпатичен ТВ коментатор. Со него се имам сретнато еднаш или двапати во животот и само се поздравивме со „добар ден“. Нема да се дрзнам да коментирам каков човек е. Не знам како давате таква изјава за некој што не познавате. Кај нас во Црна Гора велат дека ако сакате да запознаете некого треба да изедете вреќа сол со него, бидејќи во старите времиња таа се јадела со години. Не ми беше сеедно да прочитам таква изјава“, вели Вујовиќ.

Стратегот вели дека никогаш досега немал проблеми во Хрватска, а во два наврати го водеше шампионот Загреб.

„Од Хрватска носам добри спомени. Никогаш не сум имал ниту најмал проблем. Не сум го навредил хрватскиот народ или било кој друг народ на Балканот, се обидував да останам тренер и професионалец. Тоа го прифаќаше и публиката и мислам дека има повеќе кои ме сакаат отколку тие кои ме мразат. Веројатно Горан е еден од вторите. Мене ми е важно што ниеден од моите поранешни играчи не дал таква изјава. Тоа би ми било болно. Но во ваква ситуација, никој нема утре да се сеќава што кажал Шпрем или пак на моите деманти“, вели Вујовиќ.

Шпрем: Вујовиќ беше најдобар ракометар на светот, ама како тренер е нула!