Вујовиќ порача: Македонците нема од што да се срамат, грешка ќе биде ако се прават промени!

Некогашниот селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, со селекцијата на Иран обезбеди место во главната рунда на Мундијалот.

Тој ја коментираше актуелната ситуација во нашата репрезентација и вели дека сега не треба да се прават никакви промени.

„Сигурен сум дека Лазаров дојде на СП со други амбиции и желба да се победи некој. Имаа многу тешка група. Немаат од што да се срамат. Македонците, како никаде во светот, многу брзо забораваат кој си, што си и колкави заслуги имаш за овој спорт. На репрезентацијата и е потребно време. Не смеат повеќе да размислуваат дали ќе изненадат некој од фаворитите на големите натпреварувања. Потребно е време за се да се среди, а тие немаат трпение. Грешка би била ако се прават промени после овој турнир“, вели Вујовиќ за Балкан Хендбол.

Македонија денеска го игра првиот натпревар од Президент Купот против Алжир од 15:30 часот во „Орлен Арена“ во Плоцк.