Вујовиќ за ЕП 2020: Лазаров веќе не може да ја предводи така добро Македонија – Стоилов не е кондиционо спремен

Изјавите и анализите на Веселин Вујовиќ секогаш се интересни, понекогаш носат „искрени“ кажувања, можеби и контроверзни, но без „влакна на јазик“ Црногорецот од Шабац знае да погоди во „центарот“.

На онлајн работилницата на тренерите на Србија гостин беше токму Вујовиќ кој одржа предавање на тема „Ракометот од мој агол“. Полн со размислувања за минатото, како тој го сфаќа ракометот, за неговиот темперамент, за работата со младите, со сениорските екипи и репрезентацијата. Одговараше на различни прашања, меѓу кои и дали би водел женска екипа, кои се најдобрите тренери според него, како би се справил со недиспциплинирани играчи…

Вујовиќ беше тренер на Вардар и селектор и на сениорската и на младинската репрезентација на Македонија, а меѓу другото во еден дел го анализраше и настапот на сите репрезентации од поранешна СФРЈ меѓу кои и Македонија.

Првпат на едно ЕП настапија сите поранешни земји од СФРЈ, почнувајќи од Хрватска која освои сребрен медал, Словенија која влезе во втората фаза, па преку Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ кои играа само во групнаата фаза.

„Македонија е силна натпреварувачка екипа, со години настапува на големи натпреварувања. Игра запазена улога. Понекогаш се фаворизира во земјата без покритие, без вистинска слика за нивните објективни можности.
Кирил Лазаров не е веќе на нивото на кое беше порано. Тој и понатаму е извонреден стрелец, но не може да ја носи Македонија на начин како во минатото. Стојанче Стоилов не може да издржи цело првенство да игра во одбрана и напад. Тоа е евидентно. Не e кондиционо спремен, а ни со килажата иако е врвен пивот.
Ниту еден од младите играчи се нема издефинирано, ниту ја има потребната минутажа во своите клубови да може да ја носи. Македонците ќе мора сериозно да работат во иднина, на стратегијата, за да го задржат нивото кога Лазаров ќе замине, кратко анализираше Вујовиќ.

Погледнете го онлајн предавањето на Вујовиќ и одговорите на сите поставени прашања.