ВРЕМЕПЛОВ – Кире Лазаров: Овој медал го посветувам на мојот татко! (ВИДЕО)

На денешен ден пред пет години, 31 мај 2015 година, македонскиот капитен Кире Лазаров ја освои првата титула во Лигата на шампионите.

Пред себе имаше достоен противник, но каталонскиот гигант Барселона успеа да ја потврди својата доминација со триумфот од 28-23 (14-10) над Веспрем.

Иако доби мала минутажа поради повреда во финалниот натпревар, Кирил Лазаров го оствари сонот и го освои највредниот трофеј во својата кариера, кој воедно е вкупно 44 негов трофеј. Радоста по освојувањето на првиот трофеј во Лигата на Шампионите беше забележителна на лицето на најдобриот десен бек во сезоната 2014/2015.

Во изјавата која Кирил Лазаров ја даде за 24Ракомет ТВ веднаш по завршувањето на натпреварот открива како неговиот сон за освојување на Лигата на Шампионите се остварил и се заблагодари на сите кои помогнале во остварувањето на овој голем успех.