Во Монпелје разочарани од ЕХФ, бараат валјд-карта за новата сезона во ЛШ

Тренерот на екипата на Монпелје, Патрис Канаје е само уште еден од оние стратези кои се разочарани од одлуката на ЕХФ на завршниот турнир во Лигата на шампионите да играат само четири екипи и тоа оние кои ги имаа првите две места во двете групи.

Според Канаје оваа одлука е избрзана бидејќи завршниот турнир е закажан за во декември, а дотогаш има и простор и време да бидат одиграни средбите од елиминациите и да се дозволи на терен да биде одлучено кои четири екипи можат да играат во Келн.

„Ако финалето беше планирано да се игра во септември тогаш го разбирам мотивот за да нема натпревари од елиминациите односно од осминафиналето и од четврт-финалето. Сега кога е закажано за декември, не знам зошто да брзаме. Лесно можеше натпреварите од осминафиналето и од четврт-финалето да се одржат во октомври или ноември, дури и да бидат во некоја поинаква форма односно да се игра само еден натпревар. Предлогот на ЕХФ ја наруши спортската компонента. Ако на нашиот клуб не му биде дозволено за да игра во борбата за титулата за оваа сезона тогаш сметам дека ЕХФ треба да размисли да му даде покана на Монпелје за настап во групите од Лигата на шампионите, иако Нант беше втор на табелата“, вели тренерот на Монпелје, Патрис Канаје.

Екипата на Монпелје во 2018 година стана шампион откако беше најдобар на турнирот во Келн на кој играа и тимовите на ПСЖ, Нант и Вардар.