Во Динамо Букурешт се бесни на ЕХФ: Срамно е ова што се случи, што уште треба да направиме?

Европската ракометна федерација ги објави тимовите што ќе играат во новото издание на Лигата на шампионите со 16 екипи, а меѓу нив немаше место за романскиот тим Динамо Букурешт, кој беше единствен оваа сезона без пораз.

Вајлд-карти добија Мотор Запорожје, Мешков Брест, Елверум, ПИК Сегед, Нант и Целје.

„Во што Запорожје или Елверум се подобри од Динамо Букурешт? Сакаме транспарентност да знаеме кои се критериумите покрај резултатите, ТВ преносите и навивачите. Колку ракометни натпревари се пренесуваат во Украина? Елверум лани имаше само три бода, Мотор четири, но пак ќе играат. Затоа што НОРД Стрим стои позади Елверум? Затоа што СЕХА и Газпром се позади Мотор? Истото се случуваше кога играше Бешикташ и беше спонзориран од Туркиш Ерлајнс. Дали треба да најдеме некој голем спонзор за да играме во ЛШ? Многу сме разочарани. Во споредба со лани, сите тимови се истите од А и Б групите, освен промената Монпелје-Нант. Ова е срамно“, изјади Даниел Георгеоску, спортскиот директор на Динамо.

Доколку се пријави, Динамо Букурешт ќе биде директно пласиран во групите од Лигата на Европа.