Војводина се послаба – Жмавц се пресели во Полска

Полскиот суперлигаш Вибжеже Гдањск полека го комплетира тимот за новата сезона, во која ќе влезе со поголеми амбиции од претходната, па така раководството на клубот сериозно работи во составувањето на тимот, кој ќе може да им парира на подобрите полски клубови во борбата за „златната средина” на табелата.

Вибжеже Гдањск преку официјалната страна го соопшти новото засилување во своите редови. Станува збор за кружниот напаѓач од Словенија, Нејц Жмавц. Искусниот ракометар минатата сезона настапуваше во Војводина и со српскиот клуб успеа да ја освои титулата во националното првенство.

Словенечкиот ракометар и раководството на Вибжеже Гдањск се договорија на едногодишна соработка. Жмавц во својата кариера настапуваше и за екипите на Алпла од Австрија, Бохолт од Белгија, шпански Сагунто, а во Словенија беше дел од екипата на Марибор.

Полскиот клуб за следната сезона го ангажираше и екс ракометарот на Бутел и Пелистер, Вељко Давидовиќ, кој исто така настапува на пикерската позиција. Во екипата ќе пристигне и левиот бек, Јован Миличевиќ, како и неколку домашни засилувања, кои ќе имаат задача да донесат подобри резултати на клубот од Гдањск.

Војводина, пак од друга страна, е се послаба, бидејќи покрај Жмавц заминаа Оцвирк, Веркиќ, Станковиќ, Ратковиќ, Николиќ…