Вори ја прекина пензијата – ќе игра за Фуксе Берлин до крајот на сезоната

Легендарниот хрватски ракометар Игор Вори на 41 година по вторпат ја прекинува пензијата и се враќа на теренот. Фуксе Берлин објави дека потпишале договор со Хрватот кој во германскиот клуб ќе пристигне како замена за Данецот Јохан Кох кој се повреди и ќе отсуствува до крајот на сеозната.

Вори е ракометар со рекорден број на настапи за хрватската репрезентација, а претходно се реактивираше во РК Загреб каде што играше до 2018 година. Сега доаѓа да му помогне на Фуксе Берлин.

Со репрезентацијата на Хрватска Вори стана олимписки шампион во 2004 година. Бундеслигата за него не е непозната дестинација затоа што од 2009 до 2013 година го носеше дресот на Хамбург.

За трансферот на Вори изјава даде спортскиот директор на клубот Стефан Кречмар.

„Размислувавме како можеме да го надополниме отсуството на Јохан Кох. Во ситуација кога е затворен преодниот рок можете да доведете само играчи кои не се под договор во тој момент, па затоа бевме ограничени. Разговарав со неколку ракометари, а Вори веднаш се согласи и ни кажа дека е расположен да ни помогне до крајот на сезоната“, изјави Кречмар.

Во кариерата покрај Загреб и Хамбург, Вори го носеше уште дресот на ПСЖ и Барселона.