Ветеранот кој конзумираше кокаин со намалена казна, планира враќање на терените

Голманот, Дан Бојтлер, кој во март падна на допинг тестот каде што беше позитивен на кокаин и доби суспензија од 15 месеци е пред враќање на терените порано од предвиденото. Неговата казна е намалена од 15 на 12 месеци, а 42 годишниот голман има намера да се врати меѓу стативите и уште да биде активен.

Швеѓанецот не се откажува така лесно од терените, а неговиот договор со данскиот Гог беше раскинат откако имаше позитивен допинг тестот. Сепак, Бојтлер планира да се извини на раководството на тимот и да побара нов краткорочен договор.

Суспензијата на Бојтлер завршува на 29 март 2020 година и тој би можел повторно да се врати на терените кон крајот на сезоната. Иако после одлуката да биде суспендиран се прогнозираше крај на неговата кариера со оглед дека има 42 години.

Дан Бојтлер е голман кој осум години го чуваше голот на Флензбург, две на Хамбург, а бранеше и за Лемго и Кристијанштад. Во последните четири години беше на голот на Малме.