Веспрем остана на тронот во СЕХА, но трофејот го освои после пенали

Ракометарите на Веспрем дојдоа до победа од 31:29 после изведувањето на удари од седум метри откако регуларниот дел заврши со резултат од 27:27. Загреб имаше уште еден натпревар на пенали на овој Ф4, но за разлика од завчера денеска не успеа.

Од почетокот на средбата се виде дека ова ќе биде неизвесен дуел. Во првите 20 минути имаше резултатска тензија во која имаше менување во водство. Загреб беше рамноправен ривал, а Веспрем тешко се снаоѓаше и не можеше никако да дојде до поголема предност.

Сепак, во завршницата на првото полувреме Веспрем, сепак, направи серија и успеа да дојде до плус три, па на одмор замина со 15:12.

Во второто полувреме тимот на Веспрем се задржа на плус три гола до 46. минута кога резултатот беше 24:21. Тука работите се изменија и за девет минути агреб се врати во игра. Во 55. минута резултатот беше 25:25, па до крајот на натпреварот имаше уште по два гола за конечни 27:27.

При изведувањето на ударите од седум метри тимот на Веспрем беше подобар бидејќи имаше само едно промашување така што на крајот шампионот на Унгарија се радуваше на триумф.

Со по осум гола најефикасни во Веспрем беа Јахија Омар и Петар Ненадиќ. Дејан Манасков имаше два гола. Цупар го заврши натпреварот со девет одбрани. Вистороп со седум и Чупиќ со пет беа најефикасните во Загреб. Ивиќ имаше седум интервенции.

ВЕСПРЕМ – ЗАГРЕБ        31:29 пен. (27:27, 15:12)

ПЕНАЛ РУЛЕТ

1:0 Омар

1:0 Чавар (Цупара го брани ударот)

1:0 Штрлек (Ивиќ го брани ударот)

1:1 Миротиќ

2:1 Маргуч

2:2 Вистороп

3:2 Мае

3:2 Шипиќ (Цупара го брани ударот)

4:2 Ненадиќ