Веспрем и Словенецот „раскинаа“ предвреме: Благотиншек ќе ја одигра сезоната во Гепинген!

Тоа што беше уште од поодамна јасно, дека Блаж Благотиншек е на излезна врата од Веспрем, денеска доби официјализација од страна на унгарскиот гигант.

Еден од најскапо платените ракометари во Веспрем, словенечкиот репрезентативец и клубот го раскинаа договорот спогодбено, па тој ќе одигра оваа сезона во бундеслигашот Гепинген.

Во летото 2023 година, кружниот напаѓач ќе се пресели во поранешниот европски првак Фленсбург.

28-годишниот Словенец дојде во Веспрем во 2016 година од Целје и стана бедем во одбраната на унгарскиот тим. Тој со Веспрем освои две шампионски титули во Унгарија, четири куп трофеи и три СЕХА титули.

Иако најчесто беше користен во одбрана, постигна 425 гола на 260 средби што ги одигра за Веспрем. Стратегот Момир Илиќ сепак ќе има трио пивоти на располагање за новата сезона – Адријан Сипос, Драган Пешмалбек и Андреас Нилсон.