Велковски: Ако нашиот максимум биде доволен да освоиме некој бод – сите ќе бидеме среќни и задоволни

Новиот селектор Кире Лазаров денеска ја имаше првата прозивка со националниот тим пред двомечот со светскиот првак Данска од квалификациите за ЕП. На списокот има 23 ракометари, од кои дел не беа присутни на првата прозивка поради клупски обврски.

Десниот бек Мартин Велковски очекува добра меча на натпреварите со силниот ривал, кој два пати по ред стана светски првак.

„Сакам да му посакам многу среќа на новиот селектор Кире Лазаров и на репрезентацијата во овој изменет состав. Не чекаат два тешки меча со светскиот првак Данска, немаме многу време и ќе треба максимално да ги искористиме малкуте тренинзи што ни претстојат за воигрување и за реализација на новите идеи на селекторот. Ќе се бара голема концентрација и од новите играчи и од сите што се нови бидејќи ќе има и промени во играта. Мора да го дадеме максимумот и да покажеме добра игра на двата меча“, вели Велковски.

Велковски смета дека под водство на Лазаров, репрезентацијата ќе игра различен ракомет.

„За сите беше Мундијалот едно предупредување, можеа сите да видат дека не бевме на посакуваното ниво. Се надевам дека сите си ги имаат анализирано своите грешки и дека ќе ги подобрат своите перформанси. Има доста млади играчи, собираме искуство и се надевам дека под водство на Лазаров ќе игра многу подобро од Египет. Знаеме со каков ривал си имаме работа, важно е ние да го дадеме максимумот, а дали тоа ќе биде доволно да освоиме некој бод, ќе бидеме сите среќни и задоволни“, заврши Велковски.

Првиот меч со Данска се игра на 11 март во Скопје од 20:00 часот, додека на 14 март е вториот двобој во Алборг од 16:00 часот.