Вардар ќе бара статус во СЕХА како Веспрем и Мешков Брест (ВИДЕО)

Новиот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ уште на својот прв брифинг кажа голем број на работи кои секако го привлекуваат вниманието, а меѓудругото коментираше и за новата сезона во СЕХА лигата.

Тој смета дека Вардар како рекордер според бројот на победи во натпреварувањето заслужува да има ист третман како екипите на Веспрем и Мешков Брест и да го скокне играњето на групната фаза и да се приклучи директно во елиминациите.

„Ни претстои тешка сезона во која ќе имаме навистина многу натпревари и веќе разговарав со претседателот Михајловски да побараме статус каков што имаа Веспрем и Мешков Брест. Доколку не биде така ќе биде навистина тешко бидејќи во една недела ќе треба да играме средби во СЕХА, во Лигата на шампионите и во Супер лигата“, рече тренерот на вардарци, Вујовиќ.

Во последната сезона Веспрем и Мешков Брест играа во домашните првенства и поради тоа не беа во можност да играат во групната фаза од СЕХА лигата со цел да го намалат бројот на патувања и да имаат повеќе време за одмор меѓу натпреварите од домашната лига и Лигата на шампионите. Вардар од новата сезона се враќа во домашното првенство од стартот и поради тоа сега ќе се бара модул да се избегнат средбите во регионалното натпреварување во есенскиот дел од сезоната.