Вардар тренираше нови акции, но успеа да ја совлада Војводина

После вчерашната победа над Мешков Брест ракометарите на Вардар и денеска си обезбедија триумф но во СЕХА-лигата. Денеска беше совладана екипата на Војводина со 26:23. во меч во кој Вардар имаше импровизирана постава бидејќи немаше класични леви и десни бекови.

Вардарци тргнаа солидно во средбата, но Кристопанс уште во првиот напад лошо доскокна и се пожали на болки во зглобот поради тоа мораше брзо да го напушти теренот. Затоа мораше Чупиќ да го менува на десен бек, а на моменти на теренот се наоѓаа дури четири крила, Скубе и Пелко на пивот. И во таква игра вардарци имаа минимална предност, но не беа доволно сигурни за да можат да имаат и разлика која би им дала сигурност.

Најголемата предност во првото полувреме беше 10:6, но овие четири гола ги снема многу брзо. Беа обезбедени во 25. минута, но за четири минути беа примени четири гола, па на одмор се замина со 11:11.

Почетокот на вториот дел беше со постојана предност од еден гол за гостите. Тие влегоа подобро во вторите 30 минути и имаа предност од еден погодок до 15:14 во 37. минута.  Претходно имаа и 15:13, а серијата од 4:0 за ракометарите на Вардар беше пресудна за да се дојде до водство од 17:15 и да се преземе контролата на резултатот.

Сепак, водството на Вардар не беше големо туку постојано беше од еден погодок, додека Војводина се обидуваше да го израмнува резултатот. На почетокот на последните десет минути од средбата работите почнаа да се менуваат. Вардар заигра подобро и почна да создава позитива. Во 52. минута стигна до 23:20 и веќе беше полесно. На пет минути до крајот беше и 26:21, па веќе беше јасно кој доаѓа до победа на овој дуел.

Ова беше средба на која Дибиров и Чупиќ се обидоа како бекови и тоа во тројка со Скубе, а оваа ниска бековска тројка имаше предност поради нивната брзина, со брз проток на додавањата за полесно создавање шанси за голови. Колку беше ова успешно и дали ќе може да се користи во Лигата на шампионите ќе се види на некоја следна средба, а од овој дуел, сепак, најважни остануваат бодовите кои се за Вардар.

ВАРДАР – ВОЈВОДИНА               26:23 (11:11)

ВАРДАР: Кугис (10 одб., 1 сед.), Гедбан, Кизиќ, Гогов, Кукуловски 1/2, Димитриоски 6/8, Гашоски, Кристопанс, Сикошек Пелко 4/6, Скубе 7/10, Калараш, Чупиќ 5/11, Дибиров 1/4, Шишкарев 2/6, Атанасовски, Ќосевски.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 10 мин.

ВОЈВОДИНА: Арсениќ (18 одб., 1 сед.), Овчина 2/6, Ковачевиќ, Милиќ 1/1, Мирковиќ, Прибак 0/1, Илиќ 0/2, Медуриќ 1/1, Ратковиќ 4/7, Продановиќ 1/1, Станковиќ 7/8, Николиќ 4/5, Милашевиќ, Грозданиќ 2/4, Вучковиќ 1/4.

Седмерци: 1/3, Исклучувања: 6 мин.