Вардар со пораз од Татран ја отвори новата СЕХА сезона

Ракометарите на Вардар загубија на гостувањето кај составот на Татран Прешов со 27-23 во првото коло од новата сезона во регионалната СЕХА лига. Македонскиот првак по добриот старт, попушти со реализацијата, дозволи домашните да се одлепат на предност од три гола, која во вториот дел беше дуплирана. Вардар иако се доближи на минус еден во финишот, немаше сили за комплетен камбек во мечот и мораше да се помири со пораз.

По 3-3 на стартот, Талески се рашутира и Вардар се одлепи на највисока предност, 6-3, а беше и 7-4, пред „црвено-црните“ да влезат во црна дупка. Домаќините почнаа да погодуваат, вардарци промашија два удари од седум метри и следуваше комплетен пресврт.

Словачкиот првак направи серија од пет гола по ред за 9-7 и Вардар оттогаш бркаше негатива. Георгиевски за момент ја намали предноста на домашните, но до крајот на полувреме немаше големи промени и Татран замина на пауза со плус три, 14-11.

Карапалевски намали на 15-14  на стартот на вториот дел, но по една нова серија грешки на вардарци, Татран избега на плус пет, 21-16. Тренерот Недановски пробуваше со разни варијанти да го загрози голот на словачкиот првак, но на ракометарите тешко им успеваше тоа.

Новото вардарово засилување Дутра Фереира намали на 22-18 на десетина минути до крајот, а Бразилецот погоди и од пенал за 22-19. Taтран сега влезе во лоша серија, Томовски фати два нивни удари и Вардар се доближи на минус еден, 22-21. Касаткин со гол ја прекина вардаровата серија и беше 23-21, на пет минути до крајот.

Одново Татран имаше плус три, 24-21, Стојановски и Мишевски најавија возбудувања во финишот, но Лопез со голот од пенал и Рабек ги решија дилемите и беше јасно дека бодовите ќе останат во Прешов.

Талески беше најдобар стрелец со осум гола кај Вардар, а по четири пати реализираа Карапалевски и Георгиевски, додека кај Татран искусниот Рабек погоди десет пати. Вардарци во второто коло на домашен терен ќе играат против српскиот вицепрвак Партизан.