Вардар со полн плен се враќа од Кавадарци

Ракометарите на Вардар без поголеми проблеми запишаа планирана победа на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци со 24-28 во натпревар од 5 коло и освоија нови три бода во суперлигашкиот плеј-оф.

Иако со редуциран состав, без Ѓукиќ, Тото, Кевин Њокас, Чувара….сепак шампионот не виде премногу мака со домашниот тим, кој на претходните меѓусебни натпревари покажа дека знае да биде многу незгоден. Првите десетина минути беше 4-5, а потоа со една серија од три гола, вардарци се одлепија на 4-8.

Во продолжение, нападот на кавадарчани немаше премногу идеја, па сите грешки ги казнуваа гостите и стигнаа до плус седум разлика. Сепак на пауза се замина со шест предност за Вардар, 9-15.

Тиквеш намали на 10-16 на стартот на второто полувреме, но тогаш тргна уште една серија на „црвено-црниот“ тим за 10-19. Давид Дејвис ја измеша поставата на теренот, па домаќините во еден момент намалија на минус четири, 19-23, кога имаше да се играат уште шест минути.

Вардар сепак не дозволи изненадување во финишот и само рутински ја задржа стекнатата предност за конечна победа 24-28. Најдобри стрелци кај вардарци беа Патрик Валчак и Куни Моралес со по пет погодоци, додека кај Тиквеш се истакнаа српските интернационалци Страхиња Симиќ и Никола Стефановиќ со по пет гола.

Шампионот в сабота ќе го одигра заостанатиот натпревар од 4. коло против Бутел Скопје, а потоа ќе гостува кај Охрид пред големото дерби во Битола, додека кавадарчани ги чека домашен двобој со Еурофарм Пелистер.