Вардар со добро прво полувреме, со плус три на одмор против Нексе

Ракометарите на Вардар продолжија во истиот стил како што играа против Војводина и после 30 минути имаат предност од три гола против Нексе и водат со 15:12.

Од почетокот на средбата се виде дека вардарци се решени на овој дуел да влезат со сите сили и да завршат со два бода. Влегоа сигурно, а на гостите им требаа осум минути за првиот гол. Фран Милета ја прекина лошата реализација од стартот со погодок откако Вардар веќе имаше предност од 4:0.

Оваа предност се чуваше неколку минути, а потоа следуваше подобра игра од гостите. Иако немаа поддршка од голманите, сепак, гостинскиот тим беше на гол до два зад Вардар и постојано притискаше. Оттаму имаше можност за да се дојде до подобар резултат во продолжение, па имаше што да се види и на теренот и да се одигра подобро.

Талески имаше одлично отворање на средбата, а потоа неколку минути му го препушти местото на Шеваљевиќ, кој дебитираше, но во првото полувреме остана без гол. За разлика од него Талески беше стрелец на првите два гола, а ги заврши првите 30 минути со четири гола.

Вардар одигра подобро од Нексе во ова прво полувреме, па заслужено има предност од 15:12. Ова водство не дава сигурност и ќе мора и во продолжението да се одработи на високо ниво, уште повисоко од првото за да може да се дојде до нови бодови во СЕХА.

Најефикаен играч на Вардар во првото полувреме е Талески со четири гола, три има Јотиќ, а по двапати прецизни беа Георгиевски, Калараш и Вујин. Чупиќ и Дибиров реализираа по еднаш. Халил Јагањац со четири гола е прв стрелец на Нексе.