Вардар се буди – Иван Чупиќ останува во „црвено-црниот“ дрес!

Европскиот шампион Вардар полека почнува да го составува играчкиот мозаик за следната сезона.

Откако беа продолжени договорите со неколку млади ракометари, како и последните што дојдоа – Борко Ристовски и Марко Мишевски, старо-новиот претседател Михајло Михајловски, почна со реализацијата на најавениот план за формирањето на ростерот.

Најавите дека најпрво ќе се разговара за продолжување на соработката со староседелците полека се остваруваат. Постигнат е договор со десното крило Иван Чупиќ, кој најмалку уште една сезона ќе ги брани боите на Вардар.

Хрватот четири сезони го носи дресот на македонскиот и европски првак, со кој освои две титули во Лигата на шампионите, а три во СЕХА лигата. Во повеќе наврати изјавуваше дека би сакал да остане во Вардар, иако имаше други понуди.

Во следните денови би требало да биде познати кои други ракометари од ланската сезона ќе продолжат да играат за „црвено-црниот“ тим, па дури потоа ќе се размислува за ангажманот на засилувањата.