Вардар прави (силен) тим за новата сезона: Михајловски и играчите почнаа да преговараат

На поголемиот дел од играчите им истекуваат договорите, некои веќе имаат најдено нови клубови, но на сите им било понудено да размислат и да се изјаснат во следните две седмици под кои услови би останале во Скопје и во Вардар.

Вардар и следната сезона ќе има респектибилен тим, можеби на истото ниво како и оваа сезона, а веќе почнаа преговорите меѓу играчите и почесниот претседател Михајло Михајловски кој треба да го превземе клубот од следниот месец. Двојниот европски првак нема да има шанса да ја брани титулата во Келн, а се уште е неизвесно кога ќе може да „се трка“ за шестиот трофеј и во СЕХА лигата. Втор месец играчите не тренираат поради вонредната состојба во земјата, но управата на клубот почна да работи на консолидирање и создавање на тим.

Актуелниот спонзор и претседател, Сергеј Самсоненко сигурно заминува од клубот, со обврска да ги исплати сите заостанати долгови кон играчите и кон вработените. За тоа играчите веќе имаат потпишано и нотарски договори со Самсоненко. Пред почетокот на кризата со пандемијата играчите добиле дел од побарувањата, но сепак остануваат уште неисплатени обврски кон нив.

Според информациите на 24ракомет, денеска играчите на „црвено-црните“ заедно со тренерот Стевче Алушовски имале состанок со Михајло Михајловски и со директорот на клубот Давор Стојаноски. Било разговарано за нивното останување во Вардар и плановите на клубот. Им било соопштено дека клубот ќе продолжи да функционира, дека се бараат нови спонзори и во зависност од буџетот ќе бидат одредени и амбициите. На поголемиот дел од играчите им истекуваат договорите, некои веќе имаат најдено нови клубови, но на сите им било понудено да размислат и да се изјаснат во следните две седмици под кои услови би останале во Скопје и во Вардар.

Во клубот се размислува и за засилувања, но со нив би се преговарало откако прво ќе се изјаснат сегашните играчи. Михајловски им рекол на играчите дека би сакал да ги задржи, но со оглед на тоа што кризата го зафаќа целото стопанство и спортот, играчите да бидат пореални во своите барања и очекувања.

Европската ракометна федерација денеска донесе одлука со која се откажани сите осминафинални и четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите, а на завршниот турнир ќе патуваат најдобрите четири од групната фаза – Веспрем, Кил, ПСЖ и Барселона. Тоа значи дека европскиот шампион Вардар е елиминиран од ЛШ, иако тоа не се случи на теренот и „црвено-црните“ не излегоа на мегдан на унгарскиот ПИК Сегед.

Засега информации дека заминуваат од Вардар има за Калифа Гедбан и тоа во Адемар Леон, Данил Шишкарев потпиша во Веспрем, а Сташ Скубе во Мешков Брест. Десниот бек Жозе Толедо би требало да замине во романската Баја Маре, а пикерот Домен Сикошек Пелко оди во шпанска Ла Риоха.