Вардар Неготино сам си ја крои судбината

Ракометната федерација реши викендов на програмата да бидат и двете заостанати средби од регуларниот дел во Првата лига. Станува збор за дуелите на Вардар Неготино против Партизан Гевгелија и Делчево Вардар.

Тие требаше да се играат на 23 и 24 октомври, но беа одложени поради тоа што неготинскиот состав имаше проблеми со позитивни ракометари на Ковид-19.

Од групата Б, во плеј-офот се пласираа Скопје, Металург РА и Куманово, а на четвртото место е Текстилец со 7 бодови. Вардар Неготино има 6, пред Делчево со 5 и Партизан со 4.

Доколку неготинци слават на натпреварот против Партизан што ќе се игра на 14 ноември во Гевгелија од 20:00 часот, сигурно го освојуваат четвртото место и последниот билет за плеј-оф.

Ако ја пропуштат таа шанса, ќе има можност за поправен, на дуелот на 15 ноември од 18:30 часот против Делчево Вардар. Победа на овој дуел, повторно ги носи неготинци во плеј-оф.

Делчево ќе чека пораз на Вардар во Гевгелија, па потоа еден на еден да одлучува со неготинци за плеј-оф. Гевгеличани пак ќе мора да го добијат Вардар и да чекаат реми на Делчево во Неготино, за да има круг од три екипи со ист број бодови, па да има шанса и за нивен пласман во плеј-оф.

Многу работи ќе бидат појасни уште по саботниот двобој, па ќе може да ги комплетираме сите учесници во плеј-оф и плеј-аут во Првата лига.